Хаос во спортот: Што е „планот Б“ за ОИ, ЕВРО 2020, ЛШ?

Ширењето на коронавирусот сее страв низ целиот свет, а се посериозни се последиците и врз спортските настани. Веќе станува јасно дека ниту играњето без публика не е доволна заштита, се почна со целосно одложување на цели шампионати, а со оглед на фактот дека излезот од кризата не е на повидок јасно е дека термините за доигрување на сезоните речиси сигурно ќе бидат пробиени.

Олимписките Игри во Токио дефинитивно се настанот број 1 планиран за летово на спортски план, но минимални се шансите јапонската метропола да ги пречека спортистите ширум светот во однапред утврдениот термин, од 24 јули до 9 август. ИОК најавил дека ќе почека до почетокот на мај пред да ја донесе конечната одлука, а како план Б се споменува одложување за неколку месеци, односно новиот термин да биде септември и октомври 2020. Ова нема да биде преседан, бидејќи две од последните осум ОИ беа одржани во ваков термин, во Сиднеј во 2000 година се одржаа од 15 септември до 1 октомври, а во Сеул во 1988 се одржаа од 17 септември до 2 октомври.

Огромен е хаосот во Лигата на шампиони во фудбал, каде ситуацијата дополнително се искомпликува со позитивниот тест на Даниеле Ругани, па сега речиси сигурно ќе биде одложен натпреварот меѓу Јувентус и Лион. Претходно се најавуваше дека натпреварувањето би требало да биде комплетирано по завршувањето на осминафиналната фаза, но сега ниту тоа нема да биде возможно. Како решение се споменува завршен турнир на кој ќе учествуваат сите екипи кои обезбедиле место во четвртфиналето, а кој би се одржил или кон крајот на мај, или на почетокот од јуни, во зависност од развојот на ситуацијата.

Одржувањето на ЕВРО 2020 е уште поголем проблем, со оглед на фактот дека ова натпреварување треба да се одржи во 12 различни држави. Се поголем е притисокот врз УЕФА за одложување, европската куќа на фудбалот е свесна за опасноста и со оглед на фактот дека кризата не се намалува, туку напротив, се повеќе се зголемува, само прашање на време е кога ќе биде донесена одлука ова ЕП да не се игра од 12 јуни до 12 јули годинава. Како решение се наведува одлагање на една година, односно сите натпревари да се играат во веќе утврдените датуми, но една година подоцна од првичниот календар. Самото тоа ќе значи и одложување на бараж-дуелите од Лигата на Нации, откако стана невозможно пристигнувањето во други земји без задолжителен карантин.

Се вчитува...