Украина доживеа фијаско на премиерниот меч од ЕВРО 2024 што оваа селекција го загуби со 0-3 од Романија, а атмосфера е дополнително нарушена со тепачката што се случила во соблекувалната веднаш по овој пораз.
Германскиот весник „Билд“ открива дека Украинците се однесувале скандалозно по мечот, што резултирало и со физички конфликт меѓу дел од фудбалерите. Според овие информации, играчите најпрвин го замолиле селекторот Ребров да ја напушти соблекувалната за самите да си го кажат она што имаат, а откако кормиларот се тргнал следел вистински хаос.
Први збор земале Лунин и Зинченко, но токму голманот беше најслаб поединец на натпреварот, дел од останатите фудбалери му се нафрлиле за зборовите, а вербалниот конфликт набрзо прераснал и во физичка тепачка.
Селекторот Ребров по мечот не криеше дека очекува многу подобри изданија и поголемо залагаање од своите фудбалери.
„Ние ја претставуваме Украина на овој турнир, ова е важен момент за целата нација. Фудбалерите примаа пораки од војниците на фронтот, треба да им е јасно дека секој играч ќе мора да даде се од себе. Тоа почнува од оние најдобрите, кои мораат да бидат пример. Ако тоа не се случи, на сите ќе ни биде многу тешко да стигнеме до успех на ова ЕП“, изјави Ребров.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА