Само седум натпревари Бернд Холербах го водеше Хамбургер, откако хаосот кај бундеслигашот од Хамбург продолжи и придонесе вечерва да дојде до тренерска смена. Само за потсетување, минатата седмица од клубот си заминаа спортскиот директор и првиот човек на бордот на директори на клубот, при што беше напоменато дека Холербах ќе остане на клупата без оглед на резултатите до крајот на сезоната.
Сепак, таквиот став беше валиден само неколку дена, бидејќи по поразот од 6-0 од Баерн Минхен повторно се дискутираше за иднината на тренерот, кој не го „преживеа“ денешниот состанок. Германските медиуми вечерва објавија дека одлуката за отказ на Холербах е донесена, а на негово место тимот до крајот на сезонава ќе го води тренерот на младинскиот тим, Кристијан Тиц.
Хамбургер е без победа на последните 13 бундеслигашки натпревари, откако на 26 ноември го совлада Хофенхајм со 3-0. Тимот од Хамбург падна на претпоследното место на табелата со 18 бода, седум помалку од Мајнц кој се наоѓа на 16. позиција, која носи пласман во баражот наместо директно испаѓање од елитата.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА