Хаосот во Тетекс продолжува: Си замина тренерот Димовски, играчи одбивале да играат?!

Пред неколку дена од Тетекс оставка си поднесе претседателот Мирче Блажески, само неколку месеци откако беше назначен на оваа функција. Меѓутоа од „штофарите“ си замина и тренерот Љупчо Димовски, кој ја водеше екипата само еден натпревар, оној против Гостивар, по што во средата ги информирал челниците дека поднесува оставка.

Димовски беше назначен за тренер на 12. октомври, но заминува после само еден меч, односно после „катастрофата“ од Гостивар. Димовски потврди дека поднел оставка.

„Поднесов оставка од Тетекс. Од средата не сум повеќе тренер на екипата“, рече Димовски. 

Од таборот на Тетекс доаѓа информацијата и дека против Гостивар неколкумина играчи одбиле да настапат поради неисплатени плати, и затоа се случила катастрофа. Слабите резултати на Тетекс продолжија и денеска, со поразот од Воска 4-0.

Пред неколку дена, пак, се појави информација дека Љуботен ќе го спасува Тетекс, но колку е тоа возможно во овие мигови ќе покаже времето. Во секој случај на „штофарите“ им се заканува егзодус и враќање во третолигашката конкуренција.

Се вчитува...