Хаосот во Вардар продолжува: Дел од фудбалерите заминале од клубот, останатите штрајкуваат!

Хаосот во Вардар, како последица на финансиската неизвесност во која е западнат клубот, а кој траеше за време на зимската пауза продолжува и по само две кола од пролетниот дел во шампионатот во Втората македонска фудбалска лига.

Од денеска „вардарци“ штрајкуваат пред сопствениците на клубот истакнувајќи дека нема да продолжат со натпреварите во Втората лига сезонава се додека не им се исплатат заостанатите долгови. Одлуката за штрајк е донесена заеднички меѓу играчите, стручниот штаб и спортскиот директор Александар Бајевски.

Од друга страна, пак, целокупната ситуација во клубот создава дополнителни тензии па продолжува и заминувањето на дел од фудбалерите од клубот кое започна уште во јануари. Според нашите информации клубот го напушти и голманот Боби Целески и тоа поради нескриени тензии во соблекувалната по првите две кола во кои Вардар славеше токму на гостувањето против Охрид среќно со гол во 95. минута. Се најавуваат заминувања и на други фудбалери, кои се решени и да паузираат од фудбал, ако е потребно, но повеќе да не го толерираат целокупниот хаос.

Активираниот штрајк во црвено-црните редови го доведува под знак прашање и одигрувањето на дуелот со Детонит Плачковица во сабота. Ако во текот на утрешниот ден нема средба со раководството на клубот, фудбалерите се решени да не го играат саботниот натпревар.

Се вчитува...