Манчестер сити синоќа доживеа сензационална елиминација од Виган во ФА Купот по поразот од 1-0.
Сето тоа, покрај лошата игра на „граѓаните“ донесе многу нервоза кај фудбалерите, стручниот штаб и навивачите на Сити кои за време на мечот, полувремето и на крајот се однесуваа недолично.
Инцидентите почнаа уште на полувремето кога Пеп Гвардиола во тунелот кон соблекувалната на Виган се обиди и физички да се пресмета со колегата од Виган, Пол Кук.
Гвардиола, видно нервозен на крајот, објасни што се случувало кажувајќи ја својата страна од приказната….
„Тоа не беше ништо. Само му кажував кога сме на терен да си остане во неговиот означен простор. Затоа за тоа да не зборуваме. Ако сакате да ме прашате нешто за фудбал слободно, а за другото нема што да се зборува затоа што само му кажав да си остане во неговиот простор и да не доаѓа кон мојот“ – истакна Гвардиола на прес-конференцијата.
А, хаосот на мечот продолжи на крајот кога домашните навивачи влетаа на теренот да ја прослават големата победа. Во таа мешаница еден од навивачите му дофрлуваше на Кун Агуеро кој го удри со тупаница потоа дополнително впуштајќи се за физичка пресметка…
Паралелно со тоа и навивачи на Манчестер сити се обидуваа да влезат на терен, фрлајќи со тврди предмети, столчиња… Но, за среќа не им се дозволи пристап како не би дошло до поголем инцидент меѓу двете навивачки групи.
Како и да е, Виган се соочува со казна поради лошата организација, но казна сигурно ги чека и Пеп Гвардиола, Пол Кук и Кун Агуеро.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА