Хап пред дебито: Чест ми е што ќе го облечам дресот на Македонија

Итан Хап е подготвен за дебито во македонската репрезентација откако центарот на Гран Канарија беше повикан од стручниот штаб како натурализиран играч за стартот од квалификациите за Евробаскет 2025.

Овој Американец има зад себе одлична сезона на клупски план и би требало да биде наш значаен адут во обидот да стигнеме до најмалку една победа на првите две средби, против Естонија и Полска.

„Среќен сум што ова, возбудливо е за сите нас, а особено за мене бидејќи е голема чест што ќе играм за Македонија. Ни претстои голема борба против Естонија и Полска и возбуден сум поради она што не очекува. Презадоволен сум од приемот овде, сите се гостопримливи, почнувајќи од претседателот на федерацијата, Перо Антиќ, па до соиграчите во репрезентацијата. Убаво ми е, работиме на хемијата во тимот, имаме само неколку дена, но се обидуваме максимално да ги искористиме“, истакна Хап.

Тој има само пофални зборови за нашиот прв противник, селекцијата на Естонија против која македонските кошаркари утре ќе имаат исклучително тежок дуел.

„Естонија има многу талентирана репрезентација. Во минатото, тоа не беше кошаркарска земја, но во моментов има добар тим, со неколку квалитетни евролигашки кошаркари, па ќе мораме да извадиме се од нас за добар резултат. Имаме големи очекувања како тим, но одиме чекор по чекор и не мислиме на крајниот исход. Фокусирани сме само на Естонија, а потоа ќе размислуваме на следниот противник“, вели Итан Хап.

Се вчитува...