Атланта триумфално ја стартуваше новата година, откако „јастребите“ славеа во трилер-дуелот против Сан Антонио со 114-112, и тоа по продолжението од пет минути. Гостите беа на чекор до победата, но Тим Хардавеј постигна тројка во самиот финиш за израмнување на 100-100. Леонард го промаши шутот за победа, по што мечот замина во продолженија, а во нив повторно доминираше Хaрдавеј, кој како „резервист“ стигна до фантастични 29 поени (6/7 за тројка, 11/13 од поле) во својот најдобар меч во кариерата во НБА-лигата. Пол Милсап имаше дабл-дабл од 32 поени и 13 скокови за Атланта, додека Олдриџ со 27 поени беше прв стрелец на Сан Антонио при само третиот пораз на „мамузите“ на гостувањата оваа сезона.
Кошаркарите на Лос Анџелес лејкерс не најдоа начин да го запрат Кајл Лаури, па загубија на домашен терен од Торонто со 114-123. Одличниот плејмејкер постигна 41 поен, згора на тоа имаше и 9 скока и 7 асистенции, а одлична помош му дојде и од ДеРозан, кој реализираше 31 поен во новиот триумф на „рептилите“.
Резултати НБА:
Атланта – Сан Антонио 114-112 (по прод.), Индијана – Орландо 117-104, Мајами – Детроит 98-107, Минесота – Портланд 89-95, ЛА лејкерс – Торонто 114-123.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА