Хари Кејн има клаузула за камбек во Премиер-лигата

Хари Кејн пред една и пол година донесе значајна одлука за иднината, заминувајќи од Тотенхем и потпишувајќи договор со Баерн Минхен. Англискиот голгетер и на 31-годишна возраст се уште не може да се пофали со освојување на било каков трофеј во кариерата, црна серија што се надева дека ќе ја прекине токму сезонава со шампионска титула со Баерн Минхен во Бундес-лигата.

Кејн е еден од најважните адути во тимот на Баерн, но последните информации говорат дека тој следната година би можел да си замине од „Алијанц Арена“. Имено, Англичанецот во преговорите со Баерн инсистирал во договорот да биде вметната и клаузула што ќе му овозможи да може да се врати назад во Премиер-лигата.

Потпишаниот договор е со важност до 2027 година, но во него има клаузула со која во јануари 2025 Кејн можеше да си замине за сума од 80 милиони евра. Тоа не се случи годинава, но весникот „Билд“ обелодени дека истата клаузула за јануари 2026 е со намалена сума од 65 милиони евра.

Останува да се види дали голгетерот ќе сака да си замине, но и дали некој англиски клуб ќе издвои толку пари за играч што следниот јануари ќе има наполнето 32 години и сигурно ќе бара плата со која би бил меѓу најплатените фудбалери во Премиер-лигата.

Се вчитува...