Хари Кејн ќе стане најскап и најплатен фудбалер во историјата на англискиот фудбал доколку биде реализиран најавениот мегатрансфер во редовите на Манчестер Сити. Според таблоидот „Сан“, деталите се веќе договорени, откако Тотенхем дал зелено светло за заминување на својот капитен, одредувајќи ја цената на огромни 160 милиони фунти.
Кејн уште пред неколку месеци побара да му биде дозволено да ги промени клупските бои, но „спарси“ се надеваа дека ќе успеат да го убедат да го промени ставот. Сепак, неамбициозните потези на пазарот, надополнети со проблемите да биде доведен врвен стратег јасно ставија до знаење дека Тотенхем не се движи во посакуваниот правец и дека Кејн дефинитивно мора да си замине доколку сака да освојува трофеи во кариерата.
„Сан“ тврди дека претседателот Леви дал ветување дека ќе го пушти Кејн да си замине за 160 милиони фунти, а Манчестер Сити е подготвен да ја плати оваа сума. Притоа, не се наведува дали како дел од трансферот „граѓаните“ ќе испратат еден или двајца свои фудбалери во Тотенхем, бидејќи е тешко да се поверува дека Сити ќе ја исплати целата сума. Што се однесува до Кејн, тој ќе добие плата од 400.000 фунти неделно, со што ќе стане најплатен англиски фудбалер на сите времиња.
Манчестер Сити покрај за Кејн покажува сериозен интерес и за Грилиш од Астон вила, за кого клубот од „Вила парк“ бара отштета од 100 милиони фунти.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА