Поранешниот играч на Ливерпул и на Лидс јунатед, Хари Кјуел, почнува тренерска кариера како менаџер на англискиот четвртолигаш Кроли Таун.
За 38-годишниот Кјуел кој до минатиот месец ја водеше младинската екипа на Вотфорд, ова ќе биде прв тренерски ангажман во сениорска екипа. Досегашниот тренер на Кроли Таун, Дермот Драми, на почетокот на мај го напушти клубот кој за малку избегна испаѓање од лигата.
Кјуел уште пред две години ги најави своите тренерски амбиции изразувајќи желба еден ден да седне и на клупата на Ливерпул.
„Би сакал еден ден да бидам тренер на Ливерпул. Сигурен сум дека секој играч и секој тренер би сакал да го води можеби најголемиот клуб во светот. Ни јас не сум поинаков од другите, тоа е голем клуб, но мора да се биде достоен за таа клупа. За мене, тоа е предизвик и височини што сакам да ги достигнам. Сакам да бидам тренер на премиерлигашки тим“ – изрази желба Хари Кјуел на почетокот на својата тренерска кариера.
Во кариерата како играч, Хари Кјуел во 2005 година со Ливерпул ја освои титулата во Лигата на шампионите, а играше и за Лидс, Галатасарај, Мелбурн виктори, Ал-Гарафи и за Мелбурн харт каде во 2014 година и ја заврши кариерата. За репрезентацијата на Австралија, Кјуел има одиграно 56 натпревари и има постигнато 17 гола.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА