Хари Наковски е нов селектор на одбојкарската репрезентација на Македонија

Поранешниот македонски репрезентативец и интернационалец Хари Наковски е нов селектор на македонските одбојкари. Во пресрет на Европската златна лига и квалификациите за Европското првенство во 2026, ОФМ реши Наковски да ја преземе улогата на Јошко Миленкоски, кој лани ја предводеше Македонија до најголемиот репрезентативен успех, а тоа е осминафиналето на континенталниот собир, против Италија во Бари.

„Сакам да упатам благодарност до ОФМ, голема чест е да се наследи и да се работи со Јошко како наше најголемо тренерско име. Се надевам дека со добро здравје и со добра работа ќе ја исполниме целта“, е првиот коментар на Наковски, кој минататa година му беше асистент на Миленкоски.

„Оваа сала, овој хотел, ова место, буди големи спомени, тука ги ковавме нашите резултати на последноо ЕП. Тоа беше најубавиот дел од мојата тренерска кариера и сега веќе можам слободно да размислувам за тренерска пензија. Мене ми е време полека да се повлекувам, а со големо задоволство ја предавам палката на Хари, тренер којшто ми помогна мене како селектор и на сите играчи да го дадеме најдоброто. Верувам дека Хари со своите помошници и со моја помош, сега од еден друг агол во насока на логистика, совет, поддршка итн. ќе биде успешен, а јас на тој начин ќе бидам дел од нашиот следен успех“, Миленкоски ја објаснува својата улога во репрезентацијата.

Македонските одбојкари ќе се соберат на 2. мај, ќе тренираат во Струмица до 8. кога ќе отпатуваат на пријателски натпревари со Романија. Потоа ќе се вратат во салата „Парк“ и ќе тренираат до почетокот на Европската златна лига на 17., со првиот турнир на којшто ќе им бидеме домаќини на Чешка и на Естонија. Следните два се во Белгија и во Хрватска. Во август се два од четирите натпревари во квалификациите за ЕП 2026. Акцентот ќе биде ставен токму на нив, затоа што преку Грузија и Грција, Македонија бара шанса за четврти континентален собир по ред.

„За разлика од лани, во составот нема да биде Александар Љафтов, кој побара одмор и ќе се приклучи во јули кога ќе почнат подоготовките за квалификациите. Филип Деспотовски се пензионираше, а нови играчи се Михајло Мирасчиев од Штип УГД и Кристијан Илиев од Струмица 47&72. Во стручниот штаб ново име е асистентот Кристијан Ристески, а скаутот Павле Матиќ и кондицискиот тренер Горан Панковиќ работеа и лани“, дополнува селекторот Наковски надевајќи се дека Македонија ќе игра добро и дека ќе може да оствари две или три победи во Европската златна лига.

Се вчитува...