Хари Наковски: Враќањето на Љафтов во репрезентацијата ќе ни биде од огромно значење во квалификациите за ЕП 2026

Македонската одбојкарска репрезентација ги продолжува подготовките за квалификациите за ЕП 2026 следниот месец.

Селекторот Хари Наковски е убеден дека враќањето на Александар Љафтов во репрезентацијата ќе даде нов квалитет на тимот за натпреварите со Грузија и со Грција на 17. и на 25. август.

„Уште со учеството на европската Златна лига ги почнавме подготовките за овие квалификации. Што се однесува до играчкиот кадар, се враќа во националниот тим Александар Љафтов кој со своето искуство ќе биде голем плус за нас. Искусно име кое во минатото беше еден од столбовите на нашата репрезентација. Не беше со нас на натпреварите од Златната лига и да бидеме искрени се почувствува неговото отсуство, па сега очекувам со неговиот квалитет да добиеме едни подобри димензии на националниот тим“ – вели Наковски.

Македонската селекција сега ја очекуваат подготовки во Маврово, а потоа формата за квалификациите ќе се темпира преку пријателски натпревари, за натпреварите против Грузија и Грција кои одбојкарите ги очекуваат на 17. август и 25. август.

„На тие натпревари веќе ќе мора да презентираме вистински квалитет, игра подобра од онаа во Златната лига за да дојдеме до посакуваниот успех“ – дополнува Наковски.

Се вчитува...