Напаѓачот на Вардар и репрезентативец на Уганда, Роџерс Мато, се најде во центарот на вистинска трансфер драма која ги возбуди и македонската и шкотската фудбалска јавност. Се започна во вторникот кога шкотскиот премиерлигаш Хартс официјално соопшти дека потпишал претдоговор со 22-годишниот крилен напаѓач.
Според договорот, Мато треба да се приклучи на „срцата“ во јули, како слободен играч, откако му истекува договорот со Вардар, и тоа на три години. Само 24 часа подоцна, Вардар излезе со изненадувачко соопштение дека клубот прифатил милионска понуда (околу 1 милион долари) од американскиот МЛС-клуб Спортинг Канзас Сити за моментален трансфер на Мато.
Во соопштението дури беа објавени и детали за понудената плата од околу 40.000 долари месечно плус бонуси, како и дека 20% од сумата ќе оди кај поранешниот клуб на Мато, Брера Струмица.
Брзо следуваа реакции кои ја смирија ситуацијата. Портпарол на Хартс за шкотските медиуми („Единбург Њуз“ и „Скотсман“) изјави:
„Ние имаме потпишан договор со фудбалерот и сме релаксирани околу целата ситуација. Ништо нема да се промени.“
Уште појасно стана откако Спортинг Канзас Сити директно се огласија и ставија крај на шпекулациите:
„Спортинг Канзас Сити ја разгледуваше можноста за трансфер на Роџерс Мато, но тој одбра да потпише пред-договор со Хартс. Му посакуваме се најдобро во иднина.“
Со ова, американскиот клуб јасно се повлече од трката, а понудата што Вардар ја прифати очигледно останува само на хартија, бидејќи Мато веќе има правна обврска кон Хартс за летен трансфер.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА

