„Хаварија“ на Лајпциг на домашен терен, шампионот триумфално во Берлин (ВИДЕО)

Екипата на Лајпциг се наоѓа пред тренерска смена, откако денеска на домашен терен тимот беше поразен со убедливи 1-5 од Волфсбург. Со тоа овој тим четврти меч по ред нема победа во Бундеслигата (три порази и едно реми), или пет порази во последните шест натпревари во сите натпреварувања. Со тоа клупата на Марко Розе веќе почнува сериозно да се „тресе“, па тимот на Елиф Елмас би можел да добие нов тренер.

Неверојатен е фактот дека Лајпциг губеше 0-3 уште во првите 16 минути од средбата. Амура во 4. минута донесе предност, а потоа Томас минута подоцна зголеми на 0-2. Амура во 16. минута ја зголеми предноста на 0-3.

Меле во 64. минута го донесе Волфсбург и до 0-4, a Орбан успеа да намали. Меѓутоа до крајот на мечот Волфсбург постигна и петти гол.

Екипата на Баер Леверкузен се намачи, но дојде до победата над Унион во Берлин од 1-2. Гостите преку Фримпонг уште во 2. минута имаа предност, а Јеонг израмни во 20. минута. Победата на „фармацевтите“ ја донесе Шик во 71. минута.

Демировиќ го спаси Штутгарт од непријатен пораз на гостувњето во Бремен од Вердер. Нџинма донесе водство, кое го „поништи“ Демировиќ. Стејџ успеа да донесе нова предност за Вердер, но Демировиќ со неговиот втор гол успеа да извлече бод за својот тим.

Аугсбург минимално со 1-0 го совлада Бохум, додека Фрајбург со 3-1 беше подобар од Борусија Менхенгладбах.

Standings provided by Sofascore

Се вчитува...