Хаверц се спаси од црвен картон, па даде победнички гол за Челси (видео)

Челси ја продолжи победничката серија во Премиер-лигата со минималниот триумф од 1-0 на дуелот со Њукасл. Каи Хаверц беше херојот на „сините, постигнувајќи го победничкиот гол во 90. минута, откако Германецот се спаси само со жолт картон по еден брутален удар со лакотот врз противнички играч во првото полувреме.

Евертон е се поблиску до зоната за испаѓање откако избраниците на Френк Лампард загубија на домашен терен од Вулверхемптон со 0-1. Дефанзивецот Коуди беше стрелец на единствениот погодок за „волците“ на оваа средба.

Лидс успеа да се одлепи од опасната зона откако поранешниот тим на Алиоски во неверојатен финиш славеше со 2-1 пред своите гледачи против Норвич. Лидс долго време имаше водство по голот на Родриго, но гостите израмнија преку Меклин во 91. минута. Сепак, „белите“ најдоа сили за победнички гол и славеа благодарение на реализацијата на младиот Гелхарт на асистенција на Рапиња.

Вест Хем славеше со 2-1 над Астон Вила, а првиот гол го постигна Украинецот Андриј Јармоленко, по што следеше емотивна прослава на погодокот. На 2-0 зголеми Форналс, а конечните 2-1 во самиот финиш ги постави Рамзи.

Се вчитува...