Хеденштад: Дали ќе ја елиминираме Шкендија многу ќе зависи од утрешниот меч

Во таборот на норвешкиот шампион Розенберг се оптимистички расположени пред утрешниот прв натпревар од плеј-оф рундата за влез во групите од Лигата на Европа против Шкендија.

Во редовите на Розенборг добро знаат за македонскиот фудбал од минатогодишните дуели со Вардар во групите од ЛЕ. Тогаш Норвежаните славеа со 3-1 во Трондхајм, па сега веруваат дека лесно ќе дојдат до победа и против Шкендија.

„Нашата желба е повторно да играме во групната фаза. Мислам дека Шкендија е квалитетен тим. Всушност мислам и дека двете екипи се на некое слично ниво, па затоа за нас многу ќе значи резултатот од овој прв дуел пред нашите навивачи. Дефинитивно многу нешта ќе зависат од овој прв меч“ – вели Еген Хеденштад, кој минатата година беше стрелец на дуелот против Вардар.

Мечот меѓу Розенборг и Шкендија утре на стадионот „Леркандал“ во Трондхајм се игра со почеток од 20:45 часот. Денеска Шкендија од 18 часот ќе ја одржи официјалната прес-конференција, а од 18:30 часот е и последниот тренинг на „Леркандал“.

Се вчитува...