Веќе нема никакви дилеми, Јуп Хејнкес е стратегот што ќе го наследи Карло Анчелоти и ќе се обиде да освои нови трофеи со Баерн Минхен, откако пред четири години си замина од „Алијанц арена“ по освојувањето на тројната круна. Баварците во изминатиот период разговараа со неколку стратези, но на крајот изборот падна врз Хејнкес, со кого е договорено соработката да трае до крајот на оваа натпреварувачка сезона.
„Постои огромна доверба меѓу Јуп Хејнкес и Баерн. Разговорите што ги имавме како управа со него само го потврдија тоа, благодарни сме што тој ја прифати нашата понуда. Нема дилеми дека тој моментно е идеалниот тренер за Баерн Минхен“ – изјави Карлхајнц Румениге.
Јуп Хејнкес, кој со 72 години ќе биде убедливо највозрасниот тренер во Бундес-лигата, порача дека Баерн е клуб што никако не можел да го одбие.
„Не би се вратил за ниту еден друг клуб од светот на фудбалот, но Баерн Минхен… тоа е љубовна приказна за мојот живот… Јас и мојот тренерски тим ќе сториме се за навивачите повторно да гледаат како Баерн игра убав фудбал“ – изјави Хејнкес.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА