Тренерот на Баерн Минхен, Јуп Хејнкес, со нетрпение го очекува претстојниот дуел против Реал Мадрид во полуфиналето од Лигата на шампионите. Пресметките меѓу баварскиот и шпанскиот гигант се претворија во „фудбалски класики“, а Хејнкес е оптимист дека неговиот тим на крајот ќе се радува на победата.
„Ова ќе биде голем дуел против огромен ривал, а ние сме подготвени за предизвикот. Ми се допаѓа како игра Реал Мадрид откако Зидан е тренер, успесите говорат сами за себе, но и ние ќе имаме што да кажеме во овој двомеч. Ме радува што тимскиот дух е многу сличен на оној во 2012 година, кога успеавме да го елиминираме Реал и на крајот се закитивме со титулата“ – изјави Хејнкес.
Јасно е, главната опасност по голот на Баерн ќе доаѓа од Кристијано Роналдо, но Хејнкес не планира специјална тактика за да го запре Португалецот.
„Го почитувам секој тим и секој фудбалер, Кристијано дефинитивно има фантастична кариера. Сепак, ЛШ ја освојува најдобриот тим, а не најдобриот поединец. Ако говориме за голгетери, ние го имаме Левандовски со 39 гола сезонава. Кој од нив ќе го запре Роберт?“ – порача стратегот на баварскиот гигант.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА