Хејс-Дејвис му испратил порака на Коби Брајант пред финалето: Твоите зборови ми го сменија животот…

Најџел Хејс-Дејвис заслужено беше избран за МВП на завршниот турнир во Абу Даби, по што асот на Фенербахче сподели неверојатно откритие.

Крилниот кошаркар отсекогаш потенцирал дека Коби Брајант е негов кошаркарски идол, а Хејс-Дејвис откри и дека ден пред финалето испратил и порака на телефонскиот број што го имал Коби до моментот на неговата смрт.

Хејс-Дејвис крајно емотивно му се обраќа на починатиот ас, не криејќи ја благодарноста што советот од Брајант ги променил кариерата и животот.

„Здраво Коби… утре е финалето на Евролигата, а јас цело време размислувам: Шбо би направил Коби? Некако имам претчувство дека ако беше уште меѓу нас, ќе беше во салата…

Те запознав на колеџ, во твојата последна сезона, по мечот со Милвоки бакс. И веднаш, како и секој баскетџија, ти кажав дека сакам да бидам како тебе.

Ти само ми кажа: Работи напорно и ќе стигнеш таму. Едноставни зборови што целосно ми го сменија животот, па ги имам оставено и како „скринсејвер“ на мојот телефон. Често те цитирам во моите интервјуа. „Мамба менталитетот“ продолжува да живее, засекогаш. 

Ќе ја објавам оваа порака штом победиме и јас бидам прогласен за МВП. Нека инспирира некој друг како што ти ме инспирираше мене. Знам дека не можеш да ми одговориш, но ти благодарам за се“, напишал Хејс-Дејвис во пораката до еден од најголемите кошаркари на сите времиња, кој пред неколку години трагично го загуби животот во хеликоптерска несреќа.

Се вчитува...