Хендерсон не смее да се врати во Европа, Ал Етифак ја затвори вратата

Џордан Хендерсон не ја крие желбата да си замине од Ал Етифак по неуспешната авантура во Саудиска Арабија, но тоа тешко ќе му се исполни откако клубот од Саудиска Арабија јасно ставил до знаење дека нема намера да дозволи поранешниот капитен на Ливерпул да го напушти тимот.

Ал Етифак не е еден од клубовите кои се под капата на државниот фонд (како Ал Наср, Ал Хилал, Ал Ахли и Ал Итихад), но сепак издвои значителна сума минатото лето, најпрвин за ангажман на Стивен Џерард како тренер, а потоа носејќи го и Хендерсон како најплатен фудбалер надвор од „државната четворка“ во Саудиска Арабија.

Англичанецот не се адаптираше во новата средина и веќе побарал од неговиот агент да му најде клуб во Европа, Јувентус испрати понуда за позајмица, Ајакс сака целосно да го откупи неговиот договор, но сега сите преговори со неговиот агент се блокирани. Причината е едноставна – Ал Етифак не сака ни да чуе за разделба од најплатениот фудбалер, верувајќи дека ако тоа се случи, клубот потоа ќе нема шанси да привлече нови квалитетни засилувања следното лето. Поради ова, пораката до Хендерсон е јасна – тој има договор што мора да го испочитува, а неговиот агент попусто преговара со клубови кога Ал Етифак нема намера да дозволи заминување.

Се вчитува...