Претстојниот викенд ќе се одржи завршницата од кошаркарскиот Куп на Македонија, а веднаш по завршувањето на турнирот во Гевгелија ќе следи и собир на националниот тим за завршница на вториот претквалификациски циклус за Евробаскет 2021. Македонија последниот натпревар го игра на гостински терен против селекцијата на Романија, дуел за кој селекторот Давитков нема премногу да тактизира со составот, повикувајќи ги клучните играчи од досегашниот дел од групната фаза.
Ричард Хендрикс е изборот на Давитков за натурализиран кошаркар, откако одличниот центар го пропушти последниот дуел против Косово од семејни причини, но за мечот со Романија повторно ќе го облече црвено-жолтиот дрес. Скратениот список на Давитков ќе биде објавен во наредните денови, но извесно е дека на него повторно ќе нема место за плејмејкерот на Хувентуд, Ненад Димитријевиќ.
Македонија моментно се наоѓа на првото место на табелата во својата група, а нашите кошаркари можат да си дозволат и пораз до 14 поени разлика и да останат на чело, пласирајќи се во главните квалификации за Евробаскет 2021.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА