Македонскиот репрезентативец Ричард Хендрикс кариерата да ја продолжува во далечната Јапонија, што само по себе значи и крај на настапите на искусниот американски центар во дресот на нашиот национален тим. Хендрикс денеска потпиша договор со екипата на Осака Евеса, заменувајќи го повредениот Пери Елис на центарската позиција во јапонскиот клуб.
Тој и претходно најавуваше дека нема да може да настапува за „црвено-жолтите“, но фактот дека македонскиот пасош му беше неопходен за обезбедување на подобри услови при трансферите во Европа придонесуваше Хендрикс да му се стави на располагање на селекторот Давитков. Сега, со преселбата во далечната Јапонија веќе нема дилеми дека искусниот центар нема да биде дел од нашиот национален тим во квалификациите за Евробаскет 2021.
Раководството на КФСМ сега покрај потрагата по нов селектор, ќе треба да размислуваат и за ангажман на нов натурализиран кошаркар, најверојатно на центарската позиција.
Хендрикс беше дел од македонската репрезентација што настапи на Евробаскет 2015. Тој потоа не играше при фијаското во квалификациите за СП 2019 и елиминацијата од Естонија и Косово, но потоа се врати за да помогне во двете претквалификациски фази за Евробаскет 2021.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА