Ули Хенес повторно е „алфа и омега“ во Баерн Минхен, откако долгогодишниот директор се врати назад во раководните структури на клубот по серијата лоши одлуки на Оливер Кан и Хасан Салихамиџиќ, кои добија откази непосредно по освојувањето на шампионската титула. Хенес во интервју за германските медиуми говореше на многу теми, демантирајќи ги обвинувањата дека тој сторил се за да ги избрка двете клупски легенди за повторно да раководи со клубот.
„Ми пречи кога ќе кажат дека јас сакам да сум шеф. Тоа воопшто не е точно, ми беше убаво додека не бев вклучен во управата, но исто така, премногу го сакам Баерн за да оставам некои работи да пропаѓаат. Што требаше да правам по оној пораз од Лајпциг, кога едно полувреме не можевме да ја допреме топката на нашиот стадион. Секако дека бев лут и секако дека мораше да се реагира. Најдобро за мене лично ќе беше ако Баерн победуваше, клубот продолжеше да се развива и целиот одбор на директори останеше, да немаше потреба ние да се вратиме“, изјави Хенес.
Тој вината за кризата ја насочува кон Оливер Кан, а се уште има добро мислење за Хасан Салихамиџиќ.
„Кога си заминувавме, Оливер Кан беше заеднички избор. Сите ние кои ја носевме одлуката верувавме дека тој може да биде одличен извршен директор. За жал, се покажа дека не сме биле во право. Што се однесува до Хасан, јас се уште верувам дека тој е добар спортски директор“, прокоментира Ули Хенес.
Неговата визија околу функционирањето на клубот Хенес ја спореди на интересен начин, со фабриката за колбаси што ја поседува неговото семејство.
„Малку ќе звучи смешно, но добар пример за споредба е нашата фабрика за колбаси. Јас и сопругата ја изградивме и ја развивме, нашиот син работеше таму многу години, а пред една деценија му ги префрливме нашите акции на него и на ќерката. Тој сега има 44 години, доволно е искусен. Јас сум му советник, јас сум му пријател. На почетокот ми се јавуваше по 5-6 пати на ден, сега работи сосема независно, не го слушам со денови, што е одлично. Искрено, кога си заминував од Баерн замислував дека така ќе функционира и новата управа“, вели Хенес.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА

