Ули Хенес повеќе не е дел од највисокото раководство на Баерн, но поранешниот директор се уште важи за сива еминенција во клубот која има свој збор во клучните одлуки на баварскиот гигант.
Баварците летово се мачеа да најдат нов тренер, беа одбиени од Чаби Алонсо, Нагелсман и Ралф Рангник, за на крајот изборот да падне врз Винсан Компани, поранешниот капитен на Манчестер Сити кој испадна од Премиер-лигата со Барнли. Во прв момент имаше многу сомнежи околу ваквата одлука на управата на Баерн, но неколку месеци по стартот на сезоната Хенес е убеден дека е направен вистинскиот избор.
„Секако, не може да сте сигурни по така кратко време заедно, но јас мислам дека Господ ни го прати Компани за тренер на Баерн. Тој е подарок од Бога, некој шт има играно на највисоко ниво, воедно и неверојатен карактер што сака да напредува заедно со екипата. Сите работат напорно под Компани, можам да кажам само позитивни работи за него. По шест кола сме на првото место, четири од овие шест средби беа на гостински терен, а вината за ремито од 3-3 во Франкфурт никако не може да се бара кај тренерот, туку кај играчите кои во финишот сакаа да изведат двојно додавање на средина од теренот и беа казнети поради тоа. Она што ми е најважно, повторно уживам да одам на стадион и да го гледам Баерн. Сите ние сме фудбалски фанови, сакаме да гледаме добра игра, а сите оние кои беа присутни на стадионот во Франкфурт можеа да уживаат, тоа е она што сакаме да го гледаме, офанзивен фудбал, шанси и голови“, прокоментира Ули Хенес.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА