Раководството на Е. Пелистер осигура уште еден важен потпис за новата сезона, успевајќи да го задржи во своите редовите Ник Хенигман.
Словенечкиот репрезентативец кој е важен адут во одбраната на „зелено-белите“ од медиумите во татковината беше поврзуван и со преселба во Алкалоид, но „пелистерци“ успеаја да го „врзат“ Хенигман со нов потпис.
„РК Еурофарм Пелистер и следната сезона ќе се потпре на словенечката класа и професионалност на Ник Хенигман. Клубот потпиша продолжување на договорот со левиот бек за сезоната 2026/27, со опција за продолжување и за сезоната 2027/28. Во Хенигман гледаме харизматична додадена вредност на нашиот ростер и, иако во нашиот клуб е само една сезона, чувствуваме како долго да сме заедно.
Хенигман дојде во Битола минатото лето, го освои Суперкупот на Македонија, играше во континуитет во Суперлигата и Лигата на шампионите, а во меѓувреме е незаменлив и во словенечката репрезентација.
Пред да дојде во Македонија, Хенигман играше за Рибница (Словенија), ПИК Сегед (Унгарија) и Сант Рафаел и Шамбери (Франција)“, објави битолскиот суперлигаш.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА

