Хепиенд за Меси и компанија: Аргентина ќе ја предизвика Хрватска во полуфиналето на СП

Аргентина е селекцијата што ќе ја предизвика Хрватска во полуфиналето на СП 2022 откако „гаучосите“ го добија вечерашниот мега-дуел со Холандија, дури по подобро изведување на пеналите. Аргентинците прокоцкаа предност од 2-0 во завршните десет минути од регуларниот дел, но беа поумешни кога беше најважно, па со пенал-рулет се пласираа меѓу најдобрите четири селекции во светот, на само два чекори до големиот сон – кревање на мундијалскиот пехар за првпат по 1986 година.

Мечот очекувано почна со тактичко одмерување на силите, без стопроцентни шанси на двете страни. Аргентина успеа да го зададе првиот удар, и тоа благодарение на Лео Меси. Капитенот на „гаучосите“ маестрално го проигра во простор Молина, кому не му беше тешко да ја смести топката во мрежата.

Холандија немаше друг избор освен да се отвори во второто полувреме, па Ван Гал уште на паузата направи неколку промени во составот. Тоа сепак не го донесе посакуваниот резултат, „лалињата“ имаа повеќе од поседот на топката, но оставаа и многу простор во сопствената половина што Аргентина го искористи. Левиот бек Акуња изнуди пенал од Дамфрис, по што Лео Меси сигурно реализираше, за свој десетти мундијалски погодок во кариерата.

„Лалињата“ немаа намера да се предадат, па со борбена игра успеаја да се вратат и да внесат резултатска неизвесност. Најзаслужен е „резервистот“ Вегхорст, кој влезе во игра во 78. минута, а само пет минути подоцна со маестрален удар со глава го совлада Мартинез и ја врати Холандија во мечот.

Судијата Лахоз го продолжи ова драматично четвртфинале за десет минути во второто полувреме, Холандија целосно ја префрли играта пред противничкиот шеснаесетник, а офанзивата вроди со плод во 110. минута, кога по досуден слободен удар од дваесетина метри „лалињата“ не се решија за директен шут, туку за акција, измамувајќи ги Аргентинците и со вториот гол на Вегхорст носејќи го мечот во продолженија.

Аргентина целосно доминираше во вториот дополнителен период, „гаучосите“ создадоа неколку убави шанси, но дирекот спречи славје по ударот на Енцо Фернандез во 120. минута, по што патникот во полуфиналето беше решен со пенал-рулет.

Мартинез блесна на самиот старт запирајќи го шутот на Ван Дајк, а Меси рутински реализираше носејќи рано водство на Аргентина од 1-0 во оваа инфаркт-завршница. Аргентинскиот голман се претвори во херој откако го одбрани и пеналот на Бергхујс, а Паредес стрелаше прецизно за 2-0 за „гаучосите“. Копмајнерс во третата серија го постигна првиот гол за Холандија, но Аргентинците возвратија со гол на Монтиел. Сепак, Енцо Фернандез не беше прецизен во четвртата серија за „гаучосите“, по што Аргентина имаше предност од 3-2 во пресрет на последните пенали. Лук де Јонг биеше прецизно за Холандија, но Лаутаро беше прецизен за Аргентинците, носејќи ја својата селекција во полуфиналето.

Се вчитува...