Хајко Херлих повеќе не е тренер на Баер Леверкузен откако управата на „фармацевтите“ му врачи отказ на овој 48-годишен стратег. Овој стручњак беше критикуван по слабиот старт на сезоната, челниците на клубот тогаш му укажаа доверба, а изненадувачка е нивната одлука да го отпуштат откако Херлих конечно ја најде победничката формула, славејќи на три од последните четири бундеслигашки средби и искачувајќи го тимот на деветтото место на табелата, со само три бода заостанување зад петтопласираниот Ајнтрахт.
Неполни 24 часа по вчерашната победа над Херта од 3-1, менаџинг-директорот Руди Фелер ја донесе одлуката за разделба од стратегот што седеше на клупата на „фармацевтите“ од 2017 година. Веќе е обелоденето и името на новиот тренер, тоа ќе биде холандскиот стручњак Питер Бош, кој својата официјална промоција ќе ја има на прес-конференција на 4 јануари.
Бош беше поврзуван со Баер и во 2017 година, тогаш во последен момент ги откачи „фармацевтите“ за да седне на клупата на Борусија Дортмунд, но набрзо потоа доби отказ од „милионерите“.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА