Хернинг како судбина: Како мина Македонија пред 12 години на ЕП во Данска

ЕКИПА во Хернинг, 

Стеван Цаневски

Македонските ракометари од пред неколку дена се во Хернинг, каде од утре ќе почнат со настапот на европското првенство што се одржува во Данска, Норвешка и во Шведска. Она што е интересно, овој дански град беше наш домаќин во групната фаза и пред 12 години, кога Данска исто такка беше носител на групата во „Јиске Банк Боксен“ арената, импресивен спортски објект кој во изминатите десетина години прерасна во дански ракометен храм.

Во 2014 беше првото големо натпреварување на Живко Мукаетов како прв човек на РФМ, дванаесет години подоцна и Александар Стефанов ќе го има своето „крштевање“ на европските шампионати токму во Данска, во надеж дека резултатски ќе минеме како и пред повеќе од една деценија.

И во 2014 како што е тоа случај годинава настапот на ЕП го почнавме со Данска, меч што го загубивме со 29-21. Потоа следеше драматично реми со Чешка од 24-24, за во клучниот натпревар да славиме над Австрија со 22-21 и да се пласираме во следната фаза. Сегашниот селектор Кире Лазаров беше импресивен во тие три средби, постигнувајќи 27 погодоци.

Надежите дека во следната фаза ќе продолжиме со добри игри и резултати набрзо исчезнаа, најпрвин загубивме со 25-31 од Унгарија, потоа со 27-29 од Исланд, за во последниот меч на шампионатот без повредениот Лазаров да претрпиме убедлив пораз и од Шпанија (22-33).

Од таа генерација на македонските репрезентативци од ЕП 2014, сега во Хернинг ќе ги имаме Лазаров и Стоилов, како селектор и член на стручниот штаб, како и Филип Миркуловски, кој ќе биде шеф на македонската делегација на ова европско првенство.

Македонија знае како се минува првата групна фаза во Хернинг, овојпат групата дефинитивно е потешка, но нашите ракометари се во топ-форма, мотивирани да се покажат во одлично светло и да ги замрсат сметките на фаворизираните Данска и Португалија.

Се вчитува...