Изминатава 2017 година ќе остане засекогаш запишана во аналите на македонскиот фудбал по пласманот на првата наша репрезентација на едно Европско првенство.
„Хероите“ на Благоја Милевски запишаа историски резултат со пласманот на собирот на најдобрите европски селекции за фудбалери до 21 година. Иако самото учество на ЕП во Полска донесе само симболичен за нас резултатски ефект, по поразите од Шпанија (0-5) и Португалија (2-4) и ремито со Србија (2-2), сепак останува фактот дека Европа конечно на вистински начин слушна за фудбалот во Македонија.
Вистинско чудо беше обезбеденото место меѓу најдобрите на Стариот континент, за да сето сработено од Милевски и неговите избраници сега од чудо прерасне во наша постојана амбиција. Сосема е јасно дека младите репрезентативци поставија стандард кој сега претставува притисок за секоја наша идна млада генерација. Но, притисок со кој може и мора да се носиме, без разлика на крајниот резултат кој секако на крајот на краиштата не може и не мора секогаш да е позитивен за нас!
Но, по онаа прва македонска генерација која не одведе на ЕП, веднаш се раѓа нова „златна генерација“. Репрезентацијата за фудбалери до 19 години предводена од Вујадин Станојковиќ на доминантен начин обезбеди пласман во елитната рунда квалификации за ЕП, од старт привлекувајќи го вниманието на домашната фудбалска јавност.
Генерацијата со огромен број таленти во неа како Елиф Елмас, Дарко Чурлинов, Димитар Митревски, Јани Атанасов, Тодор Тодоровски, Филип Трајановски, Миле Тодоров…, по победите против Белгија, Швајцарија и Лихтенштајн, само навести дека и во иднина може да очекуваме.
А, најуспешната година за македонскиот младински фудбал ја дополни и репрезентацијата до 17 години на Горан Станиќ која, исто така, обезбеди елитни квалификации на УЕФА.
Всушност, за првпат во историјата на македонскиот фудбал, двете кадетски репрезентации се најдоа меѓу елитата во квалификациите за пласман на Европско првенство. Сето тоа апсолутно говори дека ништо не е случајно изминатава година во македонскиот фудбал. Посебно околу младинскиот фудбал!
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА