Хоселу беше неочекуваниот херој на Реал Мадрид на синоќешниот реванш со Баерн Минхен, кога искусниот напаѓач влезе во игра во финишот и со голови во 89. и во 91. минута донесе тотална еуфорија на „Сантијаго Бернабеу“.
Станува збор за фудбалер од младинската школа на Реал кој никогаш не доби шанса во првата екипа, Хоселу потоа настапуваше за неколку екипи за минатото лето да се врати назад на „Сантијаго Бернабеу“. Анчелоти му даваше доволно шанси за да го одржува во натпреварувачки ритам, а искусниот голгетер му возврати на најдобар можен начин, со два гола во полуфиналето од Лигата на Шампионите.
„Тешко е да се опише ова чувство. Многу работев во кариерата за да стигнам до овде, неверојатно е чувството само да го облечеш дресот на Реал, па уште кога ќе дадеш два така важни погодоци… бев преплавен со емоции по последниот судиски свиреж. Пресреќен сум што сум овде и што доживувам вакви фантастични моменти“, изјави Хоселу.
Шпанскиот голгетер потоа откри на кого ги посветува двата најважни погодоци во неговата кариера.
„Овие голови се за мојата сопруга и за моите деца, најголемата поддршка што ја добивам низ кариерата. Сите патувања, отсуства од семејството, сопругата ми е најважна личност во животот, верувам дека сега ќе минам повеќе време со неа веднаш штом заврши сезонава, како благодарност за трпението што го покажува сите овие години“, прокоментира херојот на Реал Мадрид.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА