Херојот Серафимов: Среќен сум за деби голот, трите бода се најважни!

Херојот на Македонија во повеќе од важната победа над Летонија од 1-0 со која националниот тим и дефинитивно ја обезбеди Б-дивизијата во следната Лига на нации и тоа како е среќен што токму неговиот деби гол во репрезентативниот дрес донесе три бода со кои Македонија ги задржа надежите и за бараж за пласман на Светското првенство 2026.

Централниот дефанзивец Никола Серафимов, покрај максимално одработените одбранбени задачи, со гол во второто полувреме го скрши отпорот на „жилавите“ Летонци.

„Секако среќен сум за деби погодокот. Се надевам и верувам дека ќе има и следни голови во националниот дрес, но да бидам искрен најважна е победата и најважни се трите бода од овој меч“ – истакна Серафимов по мечот веднаш дополнувајќи:

„Знаевме дека ќе биде тежок натпревар, затоа што и во Рига видовме дека Летонците играат цврст фудбал со брза транзиција и секогаш опасни и во нападот. Но, ние одигравме максимално борбено, трпеливо и мудро па на крај дојде и победата. Не чувствувавме никаков притисок пред мечот, затоа што и со селекторот разговаравме пред натпреварот дека не треба да правиме калкулации што и како би било со надежите и за пласман во баражот за СП, туку да се фокусираме само на мечот. Тоа беше најважно. Ја остваривме целта да бидеме први во групата и да обезбедиме место во Б-дивизијата, а сега е најважно максимално да се фокусираме и на натпреварот со Фарските острови и повторно да дојдеме до посакувана победа“.

Се вчитува...