МЗТ Скопје го нанижа и дванаесеттиот трофеј во Купот на Македонија откако во финалето во Битола славеше во драматична завршница над Пелистер со 62-60. Херојот на аеродромци беше Ијасу Ворку кој по положување ги постигна победоносните поени на 2.7 секунди пред крајот на средбата.
Американецот оваа сезона се врати на македонската кошаркарска сцена по едногодишната пауза откако здоби тешка повреда на предните вкрстени лигаменти на десното колено додека настапуваше за Гостивар, а по долгата и макотрпна рехабилитација, за вложениот труд вчеравечер стигна до огромна награда.
„Тоа беше неверојатно искуство и сакам да му се заблагодарам на Бог без кој немаше да бидам тука. Пред година дена едвај скокав и учев да трчам. Многу малку луѓе знаат низ што поминав изминатата година и колку труд и „крв“ вложив да и се вратам на кошарката.
МЗТ Скопје ризикуваше со мене откако се вратив од тешка повреда, а ова е нешто за што говоревме од самиот старт – да му помогнам на тимот да добива натпревари. Сакав да го земам последниот шут и во оваа прилика сакам да им се заблагодарам на моите соиграчи и тренери кои имаа доверба во мене. Промашив неколку лесни положувања во последната четвртина и знаев дека следниот обид „ќе влезе“. Ова беше тимска победа за која секој играч придонесе. Непроценливо искуство“, изјави Ворку за ЕКИПА.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА