Херојски потег на млад фудбалер: Се вратил во оганот во Швајцарија и спасил девојка

Тахирис Дос Сантос, 19-годишниот лев бек од Мец, кој беше однесен во болница во Германија во понеделник со тешки изгореници по ужасниот пожар во барот „Ле Констелашн“ во Кран-Монтана, е во постабилна состојба и покажува знаци на закрепнување.

Охрабрувачки информации сподели неговиот агент, Кристоф Хито, кој откри дека младиот фудбалер се повредил додека се обидувал да ја извади својата девојка од огнот.

Трагедијата се случи на новогодишната ноќ, кога избувна пожар во подрумот на барот „Ле Констелејшн“ во луксузниот швајцарски скијачки центар Кран-Монтана. Пожарот, кој беше предизвикан од пиротехника, брзо се прошири и се претвори во една од најголемите катастрофи во поновата историја на Швајцарија. Според официјалните податоци, 40 лица го загубија животот, додека 119 беа повредени, вклучувајќи го и Дос Сантос.

„Добрата вест е дека веруваме дека сè ќе биде во ред. Се надеваме дека ќе се врати на теренот во наредните месеци. Сите сме многу шокирани, знаеме дека му е многу тешко. Тој е примерен играч кој заслужено стана капитен на резервниот тим“, рече тренерот на Мец, Стефан Ле Мињан.

Дос Сантос успеал да излезе од запалената зграда бидејќи во тој момент бил на горниот кат. Сепак, брзо сфатил дека неговата девојка е сè уште внатре и без размислување се вратил во пламенот. Затоа станал првиот спортист официјално регистриран меѓу повредените во оваа катастрофа.

Се вчитува...