Најтрофејниот тим во Лигата на шампионите, Реал Мадрид немаше проблеми на гостувањето во Казахстан кај дебитантот Каират Алмати. Одбраната на казахстанската екипа немаше одговор за Килијан Мбапе, кој постигна три гола во победата од 0-5 на „кралевите“.
Првиот гол Французинот го постигна од пенал во 25. минута од средбата. На асистенција на Тибо Куртоа, во 52. минута напаѓачот на Реал го зголеми резултатот на 0-2. Во 74. минута од средбата Мбапе по одлична акција го комплетираше својот „хет-трик“, додека Камавинга и Диаз ја запечатија убедливата победа.
На вториот меч, Аталанта во Бергамо се „разбуди“ во финишот од средбата, и со пресврт дојде до триумфот над Бриж.
Циолис во 38. минута донесе шокантно водство за гостите. Италијанскиот тим беше „заспан“ се до 74. минута кога доби пенал, и кој сигурно го реализираше Самарџиќ за израмнување. Потоа нападите дадоа плод, па Аталанта во 87. минута преку Пашалиќ дојде до предност, која ја задржа до крај и стигна до три бода.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА

