Минатата сезона немаше среќа во финишот од финалето, но овојпат Фенербахче не дозволи финишот воопшто да има било какво значење – турскиот гигант со Перо Антиќ во своите редови е новиот европски шампион. Фенер вечерва за противник во големото финале го имаше Олимпијакос, но бодрени од илјадниците турски фанови Антиќ и соиграчите го декласираа грчкиот првак (80-64), во голем стил стигнувајќи до првата титула европски првак во клупската историја, воедно и прва за еден турски тим во елитното европско клупско натпреварување. За Антиќ ова е трета титула европски шампион, по двете со Олимпијакос, со што поранешниот капитен на националниот тим и дефинитивно го остави зад себе Петар Наумоски, станувајќи најтрофеен македонски кошаркар во европските натпреварувања.
Фенербахче слично како и на полуфиналето со Реал Мадрид повторно тргна фуриозно од самиот почеток, реализирајќи го првиот напад со атрактивен цепелин на Јан Весели. Калиниќ беше расположен во нападот набрзина постигнувајќи девет поени уште во првата четвртина, а кога во ритам влезе и Богдановиќ јасно е зошто турскиот првак по десет минути игра имаше предност од 26-18. Во вториот период и двете екипи заиграа далеку подобро во одбраната, многу потешко се наоѓаше патот до противничкиот кош, а со нешто подобра сконцентрираност во финишот Олимпијакос успеа да ја намали предноста на ривалот. Имено, иако на две минути до крајот резултатот гласеше 35-25, грчкиот состав подобро го финишираше полувремето, па намали на 39-34 со поените на Бирч на една секунда до крајот.
Проблем за Обрадовиќ беа трите лични грешки на Богдановиќ (12 поени) во првото полувреме, поради што српскиот ас стартот од второто полувреме го следеше од клупата. Диксон ја отвори третата четвртина со тројка, но со два прецизни удари од далечина возврати Манцарис, па грчкиот состав стигна до 44-40, резултат при кој не искористи и два напади. Фенер знаеше како да го казни тоа, избраниците на Обрадовиќ влегоа во нова серија, па со тројката на Датоме стигнаа до убедлива позитива од 57-44, принудувајќи го противничкиот стратег на тајмаут. Во овој дел од мечот во игра влезе и Перо Антиќ, кој во ситуација кога Весели имаше три лични грешки доби шанса за да ја зголеми цврстината во битката под обрачите.
Токму Антиќ блесна во клучните моменти, кога најпрвин одигра добро во одбраната и реализираше едно слободно фрлање во нападот, а потоа на стартот од последната четвртина постигна и тројки за преубедливи 68-50, со што практично и беше скршен отпорот на Олимпијакос. Грчкиот состав беше нокаутиран, Фенер рутински го приврши мечот, славејќи со конечни 80-64, за прва титула европски првак во клупската историја. Најзаслужен дефинитивно е тренерот Жељко Обрадовиќ, кој уште еднаш ја потврди својата големина, за вкупно деветтата титула европски шампион во неговата кариера.
Антиќ мина на теренот осум минути, период во кој реализираше четири поени, еден скок и една асистенција. Најзаслужни за големата победа беа Калиниќ и Богдановиќ со по 17 поени, пред Датоме со 11 поени. Прв стрелец на Олимпијакос беше Бирч со 14 поени, но целосно потфрли Василис Спанулис, кој постигна девет поени, но со очаен шут од поле 2/12.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА