ЦСКА Москва по голема битка славеше над Фенербахче со 70-68, задржувајќи се во игра за првото место во регуларниот дел од сезоната. Фенер успеа да го наметне сопственото темпо и да го спушти натпреварот на мал број на постигнати поени, но Кори Хигинс беше „икс факторот“ со кој Итудис го изненади Обрадовиќ, откако Американецот блесна во последните минути од натпреварот.
Во ситуација кога Де Коло беше надвор од посакуваниот ритам (пет поени на цел натпревар) тренерот на ЦСКА се сврте кон Хигинс, кој ја презеде одговорноста и блесна кога беше најзначајно. Тој ја постигна клучната тројка на триесетина секунди до крајот со која рускиот гигант поведе со 68-65. При резултат 70-66 Фенербахче имаше петнаесет секунди за напад, но турскиот тим не се обиде да се врати, туку со поени во последната секунда стигна до конечните 70-68, значајна реализација во финишот поради меѓусебниот скор со ЦСКА (првиот меч заврши „плус четири“ за Фенер) доколку двата тима имаат идентичен број на победи на крајот од регуларниот дел од сезоната.
Клибурн со 16 поени беше најефикасен кај ЦСКА, еден помалку постигна Хигинс, додека најдобри стрелци во таборот на Фенербахче беа Калиниќ со 17 и Али со 15 постигнати поени.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА