Голема е веројатноста дека искусниот американски интернационалец Кори Хигинс ова лето ќе замине од редовите на Барселона. 34-годишникот има важечки договор со каталонскиот тим и за следната сезона вреден два милиони евра, но со оглед на финансиските потешкотии очекувањата се дека истиот ќе биде раскинат.
Хигинс го пропушти крајот на претходната сезона поради повреда на грбот, а последниот настап го имаше на 16 април во шпанското „Ел класико“ против Реал Мадрид. Се чини дека овој натпревар ќе биде и негов последен во Барселона со што се отвара можноста за преселба во белградскиот гигант Партизан.
„Црно-белите“ предводени од Жељко Обрадовиќ бараат засилување на бековската позиција, а со оглед на искуството кое го носи двократниот шампион на Евролигата со ЦСКА Москва овој потег нема да биде изненадување.
Интерес за искусен бек покажува и вториот белградски гигант Црвена Звезда, па за очекување е српското дерби да се „игра“ и за потписот на одличниот Американец.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА