Анадолу Ефес во домашното првенство го зеде скалпот на Фенербахче, но во Евролигата тимот од Истанбул во рамките од второто коло го претрпе и вториот пораз, овојпат на гостувањето во Валенсија со резултат 78-71. Како пресудна се прикажа третата четвртина, во која шпанскиот клуб го збриша Ефес со 28-10, правејќи пресврт и трасирајќи си го патот до победата. Ерик Грин беше клучна фигура на овој натпревар со 25 поени кај Валенсија, додека најдобар стрелец на Ефес беше Штимац со 22 поени.
Рускиот прволигаш Химки, кој е повратник во Евролигата, во второто коло ја забележа и својата втора победа, славејќи на домашен терен против Жалгирис со 85-77. Робинсон имаше дабл-дабл од 19 поени и 10 скокови, додека Швед учествуваше со 16 поени во победата над шампионот на Литванија.
Олимпијакос и без помошта на Спанулис ја оправда фаворитската улога против Уникаха, триумфирајќи со 80-75. „Црвено-белите“ ја добија првата четвртина со 21-11 и го контролираа резултатот до самиот крај, гостите од Шпанија во финишот се приближија, но немаа сили за изненадување во Атина. Томпсон со 15 и Милутинов со 12 поени беа најефикасни кај Олимпијакос во денешниот триумф.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА