ЕКИПА во Копенхаген,
Владимир Булатовиќ
Еден од најдобрите фудбалери на Данска, членот на португалски Спортинг Лисабон, Мортен Хјулманд вели дека неговата желба е секако својата кариера да ја дополни со учество на Светското првенство 2026.
„Никако не смеем да ја потцениме Македонија која со самото тоа што стигнала да овој бараж доволно кажува за каква репрезентација се работи. Очигледно е дека имаа одлични квалификации, не загубија на два натпревари од Белгија, а беа пред победа и над Велс на домашен терен која ја испуштија во последните секунди. Добро знаеме што и направија на Италија пред четири години во баражот за СП 2022. Затоа мора да бидеме максимално сериозни“ – истакна Хјулманд на денешната прес-конференција во Копенхаген.
Но, фудбалерот од средниот ред дополнува дека секој во данската селекција е силно мотивиран да дојде до својот сон за пласман на Светско првенство.
„Секако дека за секој од нас многу значи да дојдеме со Данска на едно така големо натпреварување на собирот на најдобрите во светот. Сакам да кажувам еден ден дека сум бил дел од тој Мундијал 2026, кога еден ден ќе заврши мојата кариера“ – вели Мортен Хјулманд, кој вели дека и покрај напорниот ритам во Португалија и во Лигата на шампионите, е подготвен за утрешниот меч.
„Нема замор. Се чувствувам добро. Навикнат сум да имам два натпревари неделно и дека морам да се опоравувам за секој следен предизвик најбрзо што можам. Го направив тоа и сега, така што воопшто не е проблем“ – рече Хјулманд на новинарско прашање.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА

