Хјустон и Голден стејт ќе играат во финалето од Западната конференција во НБА плеј-офот. До финалето двата тима стигнаа со победите од 4-1 во сериите над Јута односно Њу Орлеанс.
Хјустон синоќа со мали проблеми славеше против Јута на свој паркет со 112-101, во меч со многу пресврти. И Јута имаше шанса за триумф, но Хјустон беше најдобар кога најмногу требаше во финишот.
Незапирлив беше Крис Пол кој мечот го заврши со 41 поен, 10 асистенции и 7 скока, а Такер заврши со 19 поени. Џејмс Харден постигна 18 поени. На спротивната страна, Донован Мичел постигна 24 поени.
Хјустон во финалето на Западот ќе се соочи со шампионот Голден стејт кој исто така дојде до триумф од 4-1 во серијата против Њу Орлеанс. Во петтиот меч Вориорси победија со 113-104.
Најефикасен во победничкиот тим беше Стеф Кари со 28 поени, Кевин Дурант постигна 24 поени, Клеј Томпсон дополни со 23 поени, а Дрејмонд Грин заврши со 19 поени, 14 скока и 9 асистенции.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА