Хофенхајм – Како клубот од село со 3.200 жители стигна до ЛШ…

Германскиот бундеслигаш Хофенхајм вечерва против Манчестер сити ќе го игра првиот меч на домашен терен во групите од Лигата на шампионите во клупската историја. Тоа е огромен успех и исполнување на сонот за луѓето кои работат во овој клуб. Ако се погледне низ историјата, Хофенхајм стана професионален клуб пред само 11 години, и доаѓа од едно мало селце со 3.272 жители во југозападна Германија. На почетокот на милениумот беше во петтата по ранг лига во германскиот фудбал, а потоа забележа метеорски раст и еве го сега во европската клупска елита, во ЛШ.

Се се промени кога локалниот бизнисмен Дитмар Хоп, кој играл во клубот како млад, реши да инвестира за првпат посериозно во 2000 година. Осум години подоцна Хофенхајм веќе беше дел од Бундес-лигата. Според раководството, клубот е гордост на селото, но и на целиот регион. Во 2009 година, брзиот раст на клубот наложи да се пресели и на нов стадион „Рајн Некар Арена“, а во просек на секој меч го гледаат околу 20.000 фанови.

Тренер на тимот е 31-годишниот Џулијан Нагелсман. Тој успеа да го подигне на едно неверојатно ниво, а голема заслуга има и неговиот изум. Во тренинг базата има голем екран, видео – бим, на кој постојано се вртат анализите од следниот противник. Фудбалерите и стручниот штаб постојано можат да видат како игра ривалот.

Вечерва ривалот е Манчестер сити, англискиот шампион. Хофенхајм едвај слави полнолетство, а сега е дел од Лигата на шампионите.

 

 

Се вчитува...