Квинси Хол стигна до златниот медал на 400 метри на Летните олимписки игри во Париз. Хол беше дел од една од најдобрите трки во историјата во која на крајот стигна до победа со време од 43.40 секунди.
Второто место му припадна на Британецот, Метју Хадсон Смит од Велика Британија кој постави нов европски рекорд со време од 43.44. Бронзениот медал му припадна на Музала Самуконга од Замбија со 43.74 секунди.
Неверојатно финале ни донесе дисциплината фрлање диск во која дури двапати беше урнат олимпискиот рекорд. До титулата сензационално стигна Јамајканецот, Роуџ Стона кој фрли 70 метри за нов олимписки рекорд. Само две серии порано олимпискиот рекорд со фрлање од 69.97 го урна Миколас Алекна, кој откако порано годинава го поправи светскиот рекорд на неговиот татко Виргилијус тука успеа барем за кратко да биде сопственик и на олимпискиот. Бронзениот медал му припадна на Метју Дени од Австралија. Големо разочарување беше Словенецот, Кристијан Цех кој на крајот заврши на четвртото место.
Во скок со стап до златниот медал стигна Австралијката Нина Кенеди, пред Кејти Мун од САД и Алиша Њуман од Канада.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА