Холандија е третиот полуфиналист на мундијалот за ракометарки откако „лалињата“ вечерва славеа во пресметката со Унгарија со резултат 28-23. Триумфот е апсолутно заслужен ако се знае дека Холанѓанките од самиот почеток наметнаа темпо што противничките не можеа да го следат, заслужено обезбедувајќи место во Топ 4 нa овој светски шампионат.
Унгарките се надеваа на изненадување, но направија премногу грешки во нападот за да можат да стигнат до успех во едно мундијалско четвртфинале. Холандија знаеше како да го искористи тоа, на одмор замина со предност од 14-9, а набрзо во вториот дел и ја зголеми позитивата на „плус осум“ (21-13). Триумфот воопшто не беше доведен во прашање, Унгарија се приближи само до „минус пет“, по што Холанѓанките рутински го приведоа мечот до крај.
Хоушер со осум гола ги предводеше стрелците на „лалињата“, а пет постигна Ветеринг.
Противник на Холандија во полуфиналето ќе биде Норвешка, која синоќа лесно и убедливо славеше во пресметката со Црна Гора.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА

