За разлика од претходните три, на последното 1/4 финале во Берлин вечерва имаше повеќе од два гола, имаше драма, многу шанси и најважно имаше победник во регуларниот дел. Холандија е последниот патник во полуфиналето на ЕВРО 2024 година, откако со пресврт во вториот дел ја совлада храбрата Турција со 2-1, и си закажа дуел со Англија за пласман во финалето.
Одличен почеток на Холандија, но не го круниса со погодок, а потоа минути за Турците, кои успеаја да ги израдуваат многуте навивачи кои беа на трибините во Берлин. Во 35. минута по центаршут на Гулер, Акајдин со глава го совлада Вербруген. Холанѓаните како да беа во шок, па не успеаја да дојдат до посериозна шанса во првиот дел.
Во второто полувреме „лалињата“ заиграа како што посакуваат, но и Турција опасно се закануваше на 2-3 пати. Конечно, Де Врај успеа со глава да го совлада Гунок и да донесе израмнување во 70. минута од средбата. Холанѓаните беа во налет, и тоа го искористија само пет минути подоцна, откако погоди Гакпо за водство на портокаловите.
Турција нападна да постигне гол во последните 15 минути, имаше можности, но немаше реализација. Одбраната на Холандија успеа да издржи и да се радува на пласман во полуфинале.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА