Холандија прва во 1/4 финале – „лалињата“ казнуваа и славеа над САД (ВИДЕО)

Холандија е првата селекција која се пласираше во 1/4 финалето на Мундијалот во Катар. Денеска „лалињата“ ја совладаа селекцијата на САД со 3-1, и ќе играат во 1/4 финалето со подобриот од дуелот Аргентина – Австралија кој е на програмата вечерва.

Одличниот почеток на САД, не ветуваше дека Холандија ќе дојде до лесно водство на полувремето. Пулишиќ во 3. минута не искористи зицер, одбрани Нуперт, а Американците ја имаа контролата на топката и се играше често пред голот на Холандија. Но, потоа „портокаловите“ успеаја од својата прва акција да погодат.

Најдобриот играч на натпреварот Думфрис во 10. минута ја запиша својата прва асистенција кон Депај, за водство од 1-0. Потоа Холандија воспостави егал на теренот, а се закани Веа, но Нуперт успеа да одбрани. Веќе во следната акција пред самиот финиш од првиот дел одново Думфрис асистира, овој пат до Блинд за 2-0 за Холандија. 

Во вториот дел се играше отворено од двете страни со по неколку шанси, но САД успеа да ја врати неизвесноста со гол во 76. минута. Пулишиќ проби по десната страна, и ја упати топката на петерецот, а таму Рајт прекрасно ја зафати и таа заврши во мрежата.

Сепак, нивната радост траеше само пет минути, кога Блинд нафрли до Думфрис, кој со волеј го совлада Тарнер и ја обезбеди победата на својата селекција. 

Се вчитува...