ЕКИПА во Вараждин,
Стеван Цаневски
Репрезентацијата на Холандија рутински славеше над Гвинеја со убедливи 40-23, во првиот меч од групата Д од СП 2025 што се игра во Вараждин, од која дел е и националната селекција на Македонија. „Лалињата“ лесно ја оправдаа фаворитската улога, oд самиот старт наметнувајќи темпо што противниците не можеа да го следат. Имавме можност во живо да ја видиме на дело селекцијата на Гвинеја која важи за аутсајдер во групата, слободно може да се каже дека африканската селекција го оправда ваквиот епитет прикажувајќи игра со која е далеку под нивото на просечна репрезентација.
Гвинеја почна премногу нервозно и со бројни технички грешки, а Холандија знаеше како да го искористи тоа и за нецели четири минути веќе поведе со 4-0. Селекторот на Гвинеја побара тајмаут веќе во 6. минута при негатива на неговата селекција од 5-0, а во седмата минута африканската селекција го постигна својот прв мундијалски гол во историјата, дело на Давид Епонух во 7. минута. Холандската доминација продолжи и „лалињата“ во 10. минута поведоа со 9-1. Првата двоцифрена позитива беше со голот на Смит во 16. минута (12-2), а „холандската симултанка продолжи и до крајот на полувремето, па „портокаловите“ на одмор заминаа со преубедливи 21-8.
Победникот беше решен, холандскиот селектор го искористи тоа за да го изротира тимот и да им даде шанса и на дел од играчите кои вообичаено немаат преголема минутажа. Тоа не се одрази воопшто на резултатот, темпото очекувано падна, но предноста се зголеми и на 10 минути до крајот резултатот гласеше 34-18. Остатокот мина во брзи напади на двете страни, за Холандија на крајот да триумфира со конечните 40-23.
Тен Фелде беше најефикасен во холандскиот состав со девет гола, пет постигна Ставаст, додека најдори стрелци на Гвинеја во првиот мундијалски меч во историјата беа Паске и Лебон со по четири погодоци.
Во рамките од второто коло од оваа група Холандија ќе се сретне со Македонија (петок, 18 часот), додека Гвинеја за противник ќе ја има Унгарија (петок, 20.30 часот).
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА