Репрезентацијата на Холандија го претрпе првиот пораз на Жолтиот куп, турнир што традиционално се одржува во Винтертур откако „лалињата„ по голема борба беа минимално поразени од домаќинот Швајцарија со 34-33. И покрај овој минимален пораз, Холанѓаните стигнаа до првото место и трофејот на овој турнир, на кој уште учествуваа и селекциите на Италија и на Косово.
Мора да се истакне дека селекторот Олсон експериментираше на денешниот дуел со Швајцарците, на кој главниот плејмејкер Лук Стајнс воопшто не влезе во игра. Мечот беше максимално израмнет, а за одбележување е дека холандските голмани немаа свој ден, па така Равенсберген имаше само една одбрана во првото полувреме, а во вториот дел на голот застана Доргело, кој собра пет интервенции со 22% успешност.
Кај Генен со шест гола од шест обиди беше најефикасен во холандскиот состав, додека Тен Фелде и Смит постигнаа по четири гола на денешниот меч.
Холандија претходно славеше над Косово со 36-24 и над Италија со 31-26, а поради неочекуваниот пораз на Швајцарците од Италија, „лалињата“ и покрај денешниот пораз го освоија првото место на „Жолтиот куп“.
Холандија е еден од ривалите на Македонија во групната фаза од СП 2025 во Вараждин, заедно со селекциите на Унгарија и на Гвинеја. Македонија ќе се сретне со „лалињата“ во рамките од второто коло што е на програмата на 17 јануари.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА