Холанѓанецот Квинси Промес уапсен во Дубаи, го чека затворска казна во Холандија

Холандскиот фудбалер Квинси Промес беше уапсен во Дубаи и наскоро треба да биде екстрадиран во неговата земја, каде што е осуден на 7,5 години затворска казна.

Според холандските медиуми, полицијата во Дубаи синоќа извршила рација во станот на фудбалерот кој е уапсен и моментално е во притвор. Наскоро ќе биде екстрадиран во Холандија.

Правниот застапник на играчот, Кам Полат, потврди дека неговиот клиент е приведен, но одби да даде повеќе информации за случајот.

Во исто време, холандскиот новинар Јероен Каптејнс има информации дека 33-годишниот Промес ќе биде испратен на отслужување на повеќегодишна казна што е можно поскоро.

„Се очекува многу наскоро да биде екстрадиран во Холандија. Мислам дека ќе биде испратен директно во затвор“, рече тој.

Апсењето на Промес се случи два дена откако Судот во Амстердам го отфрли барањето на играчот и неговите претставници за суспендирање на одлуката за негово апсење. Промес сакаше Судот да му дозволи слободно движење за да може непречено да ја продолжи кариерата.

Поранешниот фудбалер на Спартак Москва беше осуден на шест години затвор во февруари 2024 година за учество во шверц на повеќе од еден тон кокаин кој пристигнал во пристаништето во Антверпен. На неговата основна казна му беше додадена и година и пол за вооружениот напад врз неговиот брат.

Промес пристигна во Дубаи додека сè уште беше фудбалер на Спартак, таму доживеа сообраќајна несреќа, по што беше уапсен и му беше забрането да ја напушти земјата. Во меѓувреме, го раскина договорот со рускиот клуб и потпиша за второлигашкиот клуб Дубаи Јунајтед.

Се вчитува...