Холивудско сценарио: Столе ќе ја спасува Валенсија

Преселбата од Рајо Валјекано во Валенсија требаше да биде супер-трансфер на Столе Димитриевски, но сонот експресно се претвори во кошмар па македонскиот репрезентативец мина година и половина греејќи ја клупата на овој тим. Кризата кулминираше по неговото интервју на македонски подкаст кога Димитриевски отворено ја критикуваше управата за прекршени ветувања, за што Македонецот беше казнет и се чинеше дека во јануари дефинитивно ќе си замине од „Месталја“.

Се беше подготвено за трансфер, се разгледуваа понуди од заинтересираните клубови, но ситуацијата се промени за миг – со повредата на првиот голман Хулен Агирезабала во судиското продолжение од гостувањето против Селта. Деталните прегледи покажаа дека повредата е сериозна и Агирезабала ќе отсуствува најмалку шест седмици од терените, што ќе значи дека Димитриевски конечно ќе добие шанса во Ла Лига.

Ситуацијата е компликувана – навивачите се бесни. Разбирливо. ако се знае дека Валенсија моментно се наоѓа на 18. место на табелата кое води во Втората лига, со само 16 освоени бода, два помалку од Џирона која е веднаш пред „лилјаците“ на табелата од Примера дивизион.

Димитриевски ќе се најде на голот на претстојниот домашен меч со Елче закажан за претстојниот викенд, прва шанса за докажување дека неправедно беше игнориран од страна на стручниот штаб.

„Фудбалот е полн со пресврти. Димитриевски беше на излезна врата, а сега Валенсија во него гледа спасител. Македонецот му е потребен на овој клуб како никогаш досега, во период на слаби игри на тимот, но и на нереди по улиците, незадоволни навивачи… Вакво сценарио не може да се напише ниту во Холивуд“, пишува „Супер Депорте“, кој претходно убедено тврдеше дека Столе во јануари ќе ги смени клуските бои.

Се вчитува...